ПОЛОВИ ХОРМОНИ

 

Хормоните се специјализирани хемиски стимулатори, коишто се продуцираат од ендокрините клетки, ткива и органи (ендокрини жлезди). Тие се транспортираат до сите делови на телото преку крвотокот, а се ефективни само врз дадени целни клетки.

Хормони коишто се произведуваат во предниот резен на хипофизата се лутеинизирачкиот хормон (LH) и фоликулостимулирачкиот хормон (FSH). Двата хормона се гонадотропни – имаат влијание на половите жлезди (јајниците и тестисите).

FSH заедно со LH ја регулираат и ја стимулираат работата на половите жлезди (јајници и тестиси). Кај жените ја поттикнуваат работата на јајниците, а со тоа и излачувањето на естроген и прогестерон. Највисока вредност достигнуваат во средина на циклусот кога се стимулира овулацијата и се создава жолтото тело. FSH има улога во дефинирањето на причините за аменореја (менопауза, дисфункција, Тарнеров синдром и сл..)

Доколку вредностите на FSH и LH се константно покачени, најверојатно примарната грешка е во јајникот. Покачени вредности се среќаваат и при Тарнеров синдром, дисгенеза на половите жлезди, прерана менопауза, резистентен синдром на јајниците, по хемотерапија или по лечење со зрачење и за време на менопауза.

Доколку овие два хормона се константно ниски со присуство и на аменореја, најверојатно постои секундарна грешка во јајниците.

LH е гликопротеински хормон којшто го лачи хипофизата. Во јајниците го стимулира растот и созревањето на фоликулите, а исто така ја стимулира и биосинтезата на естроген и прогестерон. Во Лајдиговите клетки на тестисите, LH го стимулира производството на тестостерон. Утврдувањето на LH, заедно со FSH е корисно во случај на утврдување на: наследни болести со хромозомски аберации (Тарнеров синдром), полицистични јајници, разрешување на причините за аменореја, синдром на менопауза и сомнеж за недостаток на Лајдигови клетки.

Причините за покачени вредности на LH се исти како и при покачените вредности за FSH. LH е покачен и при полицистични јајници.

LH е намален при прогестерон негативна аменореја, хиперпролактинемија или анорексија.

Најчесто концентрациите на FSH и LH се одредуваат на 3. и 14. ден од менструалниот циклус, или како што ќе наложи вашиот лекар.

Пролактин е хормон којшто го лачи хипофизата, а млечните жлезди се целта на пролактинот. Тој е многу важен хормон во репродукцискиот циклус на човекот. Неговото делување е во регулација на создавањето и секрецијата на млеко во градите за време на лактацијата, во регулирањето на репродуктивниот циклус, како и во влијанието врз метаболизмот на фетусот и на мајката за време на бременоста. Кај мажите, пролактинот делува врз метаболизмот на водата и електролитите преку кората на надбубрежната жлезда, како и во функционирањето на секундарните полови  жлезди (простата, семинални везикули) и тестисите.

Покачените вредности на пролактинот се најчестата причина за неплодност кај мажите и жените. Пролактинот се користи во дијагностицирањето на аменореја, гинекомастија, галактореја и азоспермија. Неговата концентрација се одредува и доколку има сомнеж за тумор на градите и хипофизата. Покачени вредности на пролактинот можат да се јават како последица од терапија со инхибитори на допаминот, хипотироизам, аденом на хипофиза, а може да има и наследна хиперпролактинемија. Кај мажите, хиперпролактинемијата може да доведе до импотенција и намалување на либидото.

Намалени вредности на пролактинот може да се најдат при карцином на градите, хипофункција на тироидната жлезда, шизофренија, анорексија, депресија, ревматоиден артритис и булимија.

Прогестеронот спаѓа во групата стероидни хормони. Тоа е женски полов хормон којшто заедно со естрогените учествува во регулацијата на менструалниот циклус. Најмногу се создава во жолтото тело, со чие растење е поврзана и неговата концентрација во крвта. Задолжен е за подготовка на слузницата на матката за бременост, а кај трудниците ги спречува контракциите на миометриумот. Користен е во лечење, т.е. дијагноза за неплодност. Доколку треба да се види дали циклусот е овуларен, се бара мерење на прогестеронот на 21. ден од циклусот.

Покачени вредности на прогестеронот се среќаваат при вродени хиперплазии на  надбубрежната жлезда, како и при тумор на јајници. Намалени вредности на прогестеронот има при инсуфициенција на жолтото тело, лупење на ендометриумот или при предменструални тегоби.

Естрадиолот  е одговорен е за развојот на секундарните полови карактеристики на жените. Примарно се излачува од јајниците и жолтото тело, но малку го има и во тестисите и во надбубрежната жлезда, а во бременоста се лачи и во постелката. Во крвта 98% од естрадиолот е врзан за транспортниот протеин SHBG.

Патолошки покачени концентрации на естроген се наоѓаат при феминизацијата кај машките, гинекомастијата и при тумори коишто произведуваат естрогени.

Намалени концентрации на естрадиол се наоѓаат при примарен и секундарен хипогонадизам и Тарнеров синдром. Абнормалности во концентрацијата на естрадиолот се среќаваат и при пореметувања на менструалниот циклус кај жените.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk