Што се електролити и која е нивната важност за нашиот организам?

Електролит по дефиниција е хемиско соединение кое, кога се раствора во вода, создава јони кои спроведуваат електричен полнеж. Електролитите се минерали, односно позитивно и негативно наелектризирани јони и се неопходни за живот и правилно функционирање на организмот. На сите повисоки форми на живот им требаат електролити за да преживеат, а исто и на нас.

Електролитите ги регулираат нашите нервни и мускулни функции, хидратација на телото, pH на крвта, крвниот притисок и обновување на оштетените ткива. Во нашето тело постојат различни механизми кои ја одржуваат концентрацијата на електролити во рамнотежа неопходна за правилно функционирање на телото. Нашите мускули и неврони понекогаш се нарекуваат „електрични ткива“ на телото и зависат од движењето на електролитите помеѓу екстрацелуларната, меѓуклеточната и интрацелуларната течност (течност внатре, надвор или помеѓу клетките). За контракција на мускулите потребни се калциум (Ca2 +), натриум (Na +) и калиум (K +). Нарушено ниво на електролити може да доведе до мускулна слабост или мускулни грчеви. Нашето срце, мускули и нервни клетки користат електролити за да го одржат напонот во клеточните мембрани и да ги пренесат електричните импулси до другите клетки.

Во нашето тело од електролити се важни: натриум (Na +), калиум (K +), калциум (Ca2 +), магнезиум (Mg2 +), хлорид (Cl1-) и водород фосфат (HPO42-).

Натриум (Na +)
Тој е еден од најважните електролити во телото. Тоа е позитивно наелектризиран екстрацелуларен јон и е важен за одржување на волуменот на крвта и киселинско-базната рамнотежа на течности, како и функцијата на нервите и мускулите.

Калиум (К +)
За разлика од натриумот, калиумот е интрацелуларен позитивно наелектризиран јон, иако може да се најде и надвор од клетката. Учествува во преносот на нервните импулси и има улога во мускулните контракции, важен е за контролата на крвниот притисок, клеточната делба, развојот на ембрионот и друго.

Калциум (Ca2 +)
Калциумот е најзастапениот есенцијален макро минерал во нашето тело. Се наоѓа во коските и забите, а дел во лимфата и другите телесни течности. Учествува во голем број функции - од згрутчување на крвта, регулирање на отчукувањата на срцето до пренос на импулси.

Магнезиум (Mg2 +)
Исто така е суштински минерал со повеќекратна улога во телото. Се наоѓа во клетките, коските и учествува во нивната изградба, важен е во функцијата на централниот нервен систем и одржувањето на нормалниот крвен притисок.

Хлорид (Cl1-)
Хлоридот е најголемиот анјон (негативен јон) и се наоѓа во екстрацелуларната течност. Заедно со натриумот, делува на одржување на рамнотежата и притисокот на различните течности во телото. Тој е важен и за одржување на киселоста, а најмногу го добиваме (како и натриумот) од солта во исхраната.

Водород фосфат (HPO42- )
Анјонот кој е присутен во најголем процент во коските, а остатокот е внатре во клетките. Тој игра важна улога во градењето на коските и забите, производството на енергија, работата на мускулниот и нервниот систем и регенерацијата на ткивата.

Симптоми кои укажуваат на нерамнотежа
Променетите нивоа на магнезиум, натриум, калиум или калциум може да предизвикаат еден или повеќе од следниве симптоми:

  • неправилно чукање на срцето
  • слабост
  • тикови и грчеви во мускулите
  • абнормален крвен притисок
  • конфузија
  • напади
  • интоксикација
  • замор, летаргија
  • конвулзии
  • болест на коските
  • нарушувања на нервниот систем

 За дијагностицирање на електролитниот дислбаланс постојат повеќе типови на тестови – проверката на електролитите во крвта, тестови на урината, а во дијагностицирањето можат да помогнат и ЕКГ и рентген снимање на бубрезите.

Прехранбени производи кои можат да овозможат одржување на балансот на електролитите се: брокула, карфиол, зелка, кељ, прокељ, компир, цвекло, тиква, банани, целер, лубеница, киви, пиперки, цитрусни овошки, моркови, мешунки (грав, грашок, леќа, наут итн.), пробиотски јогурти, итн. Оваа храна ќе ви обезбеди доволни количества од повеќето  неопходни електролити, а ќе ви помогне и подобро да се хидрирате.

Дехидратацијата е еден од најголемите ризик-фактори за електролитен дисбаланс. Истотака внимавајте на внесот на солта и секако во летните жешки денови пијте доволно вода.


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk