Показатели на анемија: концентрација на хемоглобин, железо, феритин, трансферин, TIBC

          Феритинот е протеин којшто го врзува железото во телото и така го складира во форма  којашто е растворлива, нетоксична и лесно достапна. Складирањето е во клетките на црниот дроб, слезината и коскената срцевина. Доколку му е потребно на телото итна количина на железо, феритинот може многу бргу да го ослободи железото во крвотокот.

          Железото му е потребно на телото за да произведе еритроцити, т.е. црвени крвни клетки. Благодарение на железото во еритроцитите, сите клетки во нашето тело се снабдуваат со кислород, којшто е неопходен за нивниот опстанок, како и за функционирање на сите ткива и органи. Поголемиот дел од железото што го внесуваме во телото, преку храната или на друг начин, се користи за производство на хемоглобин којшто носи кислород, додека преостанатата количина на железо се складира како феритин. 

          Трансферинот е протеин којшто се синтетизира во црниот дроб, го транспортира железото низ крвта и го доставува до клетките за употреба (првенствено клетките на коскената срцевина за синтеза на хемоглобин). Тој ја олеснува апсорпцијата на железото од желудникот и тенкото црево. Серумското железо е количеството на железо што циркулира во крвта врзано со трансферин

          TIBC го покажува количеството на трансферин во нашето тело што е во можност да го врзе железото. Затоа TIBC и трансферинот се два различни теста, но бидејќи мерат ист параметар, може да се користи едниот или другиот при испитувањата. Затоа доколку има дефицит на железо, нивото на железото ќе биде ниско, но концентрацијата на TIBC ќе биде висока.

Симптоми на намалена концентрација на железо и феритин

Ниското ниво на феритин, а со тоа и на железо во крвта, може да доведе до појава на следниве симптоми:

  • зголемено опаѓање на косата;
  • замор дури и со лесни физички активности;
  • хроничен замор;
  • може да се појави и дисфункција на тироидната жлезда.

Многу од овие симптоми често се поврзуваат со брзиот начин на живот, но секако не треба да се остане на тоа. Посетете го матичниот лекар за да добиете упатства за потребните лабораториски тестови коишто би го исклучиле постоењето на намалени концентрации на железо и феритин како причина за овие симптоми.

Зголемени вредности на железо и феритин

Феритинот може да се користи и како параметар за дијагностицирање хемохроматоза ‒ болест којашто се јавува поради нарушувања на метаболизмот на железото при што доаѓа до таложење на железо во телото. Акумулацијата на железо доведува до сериозно оштетување на засегнатите органи, а се манифестира со појава на цироза на црниот дроб, дијабетес, артритис и кардиомиопатија.  

Како може да се спречи појавата на недостаток на железо во телото

Консумирањето зелен листен зеленчук како брокула, спанаќ, блитва, потоа цвекло, јаткасти плодови, жолчки или црвено месо се само дел од производите коишто се богати со минералот железо.

Витаминот Ц ја зголемува апсорпцијата на железото.

Од друга страна, калциумот и полифенолите од мешунките, млекото, млечните производи, житните производи ќе доведат до намалена апсорпција на железо во дигестивниот тракт поради формирање железни хелати.

Како и кога да се направи анализа на концентрацијата на железо и феритин

Крвта се зема наутро. Треба да се избегнува интензивна физичка активност пред земањето примерок на крв бидејќи го зголемува нивото на феритин. 

Алкохолот, радиоактивните материи, храната богата со железо непосредно пред земањето примероци на крв, исто така, може да бидат причина за покачено ниво на феритин во крвта.

Одредувањето на феритинот и железото треба да се избегнува во периодот кога пациентот има воспалителен процес, како и кога пациентот користи препарати од железо, бидејќи сето тоа влијае на резултатите коишто ќе се добијат.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk