PTH (паратироиден хормон)

 

Паратироидниот хормон (PTH) е хормон којшто го продуцираат четири жлезди (со големина на ориз) локализирани на вратот, веднаш зад тироидната жлезда. Овој хормон има улога во одржувањето константно ниво на калциумот којшто циркулира во крвта. Поради тоа, концентрацијата на калциумот е главниот фактор за секрецијата на овој хормон. Калциумот е важен не само за здравјето на коските и забите, туку и за пренесувањето на нервните импулси, контракциите на мускулите, секрецијата на хормоните и други хемиски и ензимски реакции. Калциумот е најзастапениот минерал во човечкото тело. Фосфорот, друг минерал во телото, делува заедно со калциумот во оваа област.

Ако нивото на калциум е ниско, тогаш паратироидните жлезди лачат уште повеќе PTH. Ова доведува до ослободување калциум од коските и зголемување на количината на калциумот апсорбиран во тенкото црево. Витаминот D се претвара во активна форма, којашто придонесува за апсорција на калциумот и фосфорот во цревата.

Кога концентрацијата на калциум е доста висока, тогаш паратироидната жлезда го намалува лачењето на паратироидниот хормон и така се регулира и нивото на калциум. Но, понекогаш, една или повеќе од овие жлезди можат да произведат премногу хормон. Ова доведува до ненормално високи нивоа на калциум и ниски нивоа на фосфор во крвта. Премногу високи или премногу ниски нивоа на PTH може да доведат до проблеми со бубрезите, коските и внатрешен дисбаланс на количествата на калциум и витамин D во телото.

Зошто се мери нивото на PTH?

Проверката на PTH треба да биде комбинирана со други дијагностички тестови, како што се испитувањата на концентрациите на циркулирачкиот калциум, фосфор и витамин D во телото. Овие тестови, во комбинација со некои симптоми коишто укажуваат на нарушувања на метаболизмот на калциумот, појава којашто е честа кај жените во менопауза, можат да бидат знаци на остеопенија и остеопороза. Слични испитувања се користат и за следење на состојбата кај пациентите со хронична инсуфуциенција на бубрезите. PTH е главен регулатор на балансот на калциумот во физиолошки и патолошки состојби поврзани со кардиоваскуларни нарушувања и игра голема улога во хомеостазата на коските.

Покаченото ниво на PTH се нарекува хиперпаратироидизам. Постојат два вида хиперпаратироидизам, примарен и секундарен.

Примарен паратироидизам

Овој паратироидизам се јавува поради некаков проблем со една или повеќе од четирите паратироидни жлезди:

  • Неканцероген раст (аденом) на жлезда е најчестата причина;
  • Зголемувањето (хиперплазија) на две или повеќе паратироидни жлезди претставува втората причина;
  • Карцинозен тумор е многу ретка причина за примарен хиперпаратироидизам.

Примарниот паратироидизам најчесто се наследува.

Секундарен хиперпаратироидизам

Се јавува поради друга болест што прво предизвикува ниско ниво на калциум во организмот. Ова предизвикува преголема работа на паратироидните жлезди за да се компензира загубата на калциум. Со текот на времето, се јавуваат зголемени нивоа на паратироиден хормон.

Симптомите можат да бидат толку лесни и неспецифични што не изгледа како да се поврзани со функцијата на паратироидната жлезда, а можат да бидат и сериозни. Опсегот на знаци и симптоми вклучува:

  • Остеопороза;
  • Камења во бубрезите;
  • Претерано мокрење;
  • Стомачна болка;
  • Лесен умор или слабост;
  • Депресија или заборавање;
  • Болки во коските и зглобовите;
  • Чести поплаки за болест без очигледна причина;
  • Гадење, повраќање или губење апетит.

Факторите коишто можат да придонесат за секундарен хиперпаратироидизам вклучуваат:

  • Недостаток на калциум. Во телото може да се јави поголем недостаток на калциум поради недоволно внесување на калциумот со исхраната, како и негова недоволна апсорпција во дигестивниот систем;
  • Недостаток на витамин D. Витаминот D помага во одржувањето соодветно ниво на калциумот во крвта, така што му помага на дигестивниот систем во апсорпцијата на калциумот од храната што ја внесуваме. Нашето тело произведува витамин D кога кожата е изложена на сончева светлина. Мал дел се консумира со храната. Недостатокот може да се компензира со внесување суплементи. Ако не се внесува доволно витамин D, тогаш нивото на калциум може да се намали;
  • Хронична бубрежна слабост. Во бубрезите витаминот D се претвора во форма што нашето тело може да ја користи. Ако бубрезите не работат нормално, употребливиот витамин D може да се намали, како и нивото на калциум, предизвикувајќи покачување на нивото на паратироидниот хормон. Хроничната бубрежна инсуфуциенција е најчестата причина за појава на секундарниот хиперпаратироидизам.

Кај некои луѓе со долгорочно заболување на бубрезите, паратироидните жлезди се зголемуваат и почнуваат да ослободуваат PTH самостојно. Ова се нарекува терцијарен хиперпаратироидизам.

Кога да одите на лекар?

Посетете го вашиот лекар ако имате какви било знаци или симптоми на хиперпаратироидизам. 

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk