Автоимуни антитела и болести на тироидната жлезда


Антителата се протеини произведени од нашето тело за да нѐ заштитат од инфекции. Но, во одредени ситуации антителата можат да ги нападнат нашите сопствени ткива предизвикувајќи болест. Последицата е опишана како автоимуно заболување, а некои состојби на тироидната жлезда се предизвикани од оваа дисфункција на имунолошкиот систем.

Постојат неколку типа антитела на тироидната жлезда, од кои најчести се:

  • антитела против тиропероксидазата (TPO);
  • антитела на тироидниот стимулирачки хормон  (TSHR) рецептор (TSHR-Ab);
  • антитела против тироглобулинот (анти-Tg).

Антитела против тиропероксидаза (TPO) 

Најчестите антитела на тироидната жлезда ја напаѓаат тироидната пероксидаза. Тиропероксидазата (TPO) е ензим којшто функционира во тироидната жлезда за да помогне во производството на тироидните хормони, т.е. на тироксинот (Т4) и тријодтиронинот (Т3).

Автоимуните антитела можат да ја попречат способноста на TPO да користи јод за производство на овие хормони, што доведува до хипотироидизам. Тие предизвикуваат воспаление, коешто може да ја уништи целата или дел од тироидната жлезда, да предизвика формирање јазли, зголемување на тироидната жлезда, предвремено породување и тироидитис на Хашимото, автоимуна болест на тироидната жлезда. Кај тироидитис на Хашимото некогаш е потребно време за да се забележи деструктивниот ефект на антителата врз тироидна жлезда. Често може  да се јават позитивни TPO-антитела со месеци или години пред да се зголеми нивото на TSH до стадиум кога ќе се дијагностицира хипотироидизам. Важно е да се спомене, исто така, дека некои луѓе никогаш нема да бидат прогласени за хипотироидни, и покрај тоа што имаат позитивни TPO антитела.

Антитела за стимулирање на тироидниот хормон (TSH) рецептор (TSHR-Ab) 

TSH, хормонот ослободен од хипофизата во мозокот, ја стимулира тироидната жлезда да произведе тироиден хормон. TSH го започнува овој процес со врзување со TSH-рецепторите на тироидната жлезда. Антителата на рецепторите на ТSH (TSHR-Ab) можат да го имитираат дејството на ТSH, предизвикувајќи вишок производство на тироиден хормон. Високите нивоа на TSHR-Ab се поврзани со Грејвовата болест, автоимуна болест што предизвикува хипертироидизам

Антитела против тироглобулин (Anti-Tg) 

Тироглобулинот (Tg) е протеин којшто помага за правилното функционирање на тироидната жлезда. Антителата против Тg се поврзани со тироидитис на Хашимото.

Што значат антителата против тироидната жлезда

Позитивните антитела на тироидната жлезда укажуваат дека може да имате автоимуно заболување на тироидната жлезда. Тестовите со антитела можат да бидат корисни за идентификување на супклиничкото заболување на тироидеата, проценката за причината на болеста и да влијаат на одлуката дали лекарот ќе го продолжи третманот.

Ако имате високо ниво на антитела на тироидната жлезда без симптоми и со нормално ниво на тироидни хормони, има помала веројатност лекарот да ја лекува вашата болест на тироидната жлезда, отколку ако имате благи симптоми или гранични абнормални нивоа на тироидни хормони заедно со покачените нивоа на антитела.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk

 


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk