ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС

 

Што е гестациски дијабетес?

Гестациски дијабетес (ГД) е вид на дијабетес што се јавува за време на бременоста. Тој настанува кога вашето тело не е во состојба да произведе доволно инсулин за да ја одржи количината на гликозата (шеќерот) во крвта на соодветно ниво. Имено, хормоните коишто помагаат во растот на бебето може да делуваат на инсулинот и да го спречуваат да си ја извршува својата работа. Ако вашето тело стане нечувствително на инсулин (инсулинска резистенција), тогаш гликозата во крвотокот не може да навлезе во клетките, па затоа нејзината вредност измерена во крвта е повисока. Нелекуваниот ГД ја зголемува веројатноста за раѓање големо бебе и е поврзан со одредени компликации, како и здравствени ризици за новороденото (на пр.: прееклампсија, изместување на рамото, предвремено породување). Нелекуваниот ГД исто така го зголемува ризикот од раѓање мртво дете доцна во бременоста (36–40 недела). Жените кои развиваат ГД имаат поголем ризик за развој на дијабетес тип 2 понатаму во текот на животот. Сепак, постои одличен третман за ГД и повеќето жени со дијагностициран ГД имаат нормално породување и здрави бебиња.

Зошто е важно да се направи скрининг за гестациски дијабетес?

Сите бремени жени треба да направат скрининг на гликоза во крвта за ГД помеѓу 24 и 28 недела од бременоста. Ако имате фактори на ризик за ГД, може да бидете тестирани и порано во бременоста. Овие фактори на ризик вклучуваат:

  • Ако сте постари од 35 години;
  • Дебелина (дефинирана како ТМИ пред бременоста поголема од 30);
  • Семејна историја на дијабетес;
  • Синдром на полицистични јајници;
  • Користење кортикостероиди за време на бременоста;
  • Претходна бременост со ГД;
  • Повеќеплодна бременост (близнаци, тројки);
  • Висок крвен притисок.

Изведување ОГТТ при бременост

Пред тестот можете слободно да јадете, но не подоцна од 20 часот. Потоа не треба да внесувате храна и други пијалаци, освен вода, до следниот ден т.е. до тестирањето. Во лабораторијата каде што ќе ве тестираат, прво ќе ви го измерат нивото на гликоза на гладно, со земање крв од вена. Потоа ќе ви дадат 300 mL воден раствор од 75 g гликоза којшто треба да го испиете. Наредните два часа треба да мирувате, да не јадете, да не пушите. По првиот или вториот час, зависно од препораката на гинекологот, повторно ќе ви се измери нивото на гликоза во крвта за да се види состојбата по оптоварувањето.

Референтни вредности за трудници

НОРМАЛЕН НАОД

T=0’          на гладно: < 5,1 mmol/L гликоза

T=120’      2 часа по оптоварувањето со гликоза: <8,5 mmol/L гликоза

ГЕСТАЦИСКИ ДИЈАБЕТЕС 

T=0’          на гладно: 5,1–6,9 mmol/L гликоза

T=120’     2 часа по оптоварувањето со гликоза: 8,5–11,0 mmol/L гликоза

Доколку се утврди дека имате ГД,  ќе се консултирате со вашиот лекар за да ги задржите нивоата на гликоза во крвта во нормален опсег. По совет на лекарот, најчесто треба да се направи уште еден ОГТТ по 6 до 12 недели по породувањето.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk