Показатели на воспалителни процеси во телото (CRP, седиментација и фибриноген)

 

CRP - Ц-реактивен протеин, е протеин којшто се произведува во црниот дроб. Неговата функција се одразува во неспецифичната одбрана на организмот од инфективни агенси и производи на распаѓање на клетките.

Тој е еден од најчувствителните воспалителни маркери и позитивен показател на акутната фаза. Ова значи дека концентрацијата на CRP во крвта се менува, односно се зголемува, по многу краток временски период од појавата на инфекција, воспаление, траума, стрес, миокарден инфаркт и други акутни состојби.

Анализирање на концентрацијата на CRP

Одредувањето на концентрацијата на CRP може да се изврши од примерок од венска крв или капиларна крв, кај мали деца или пациенти со слабо достапни вени. Мала количина примерок од крв е потребна за анализа. Не е потребна посебна подготовка пред да одите во лабораторија.

Концентрација на CRP во крвта

Концентрациите на CRP во крвта кај здрави возрасни не надминуваат 0,6 mg/dL. Зголемените концентрации над 1,0 mg/dL укажуваат на присуство на воспалителен процес во телото, предизвикан од разни фактори:

Малку покачени концентрации - 1,0–5,0 mg/dL

Најчесто се присутни кај благи воспаленија или вирусни инфекции, додека се поретки кај постарите лица, бремените жени во третото тримесечје од бременоста (како лажно високи вредности), потоа кај пушачите или дебелите луѓе.

Значително покачени концентрации - 5,0–20,0 mg/dL 

Тие укажуваат на присуство на активно воспаление, коешто најчесто е предизвикано од бактериска инфекција. Ова важи за повеќето бактериски инфекции.

Многу високи концентрации - над 20,0 mg/dL 

Концентрациите на CRP над 20,0 mg/dL укажуваат на широко распространет воспалителен процес во организмот. Ова обично се случува кај случаите со тешки бактериски инфекции, но исто така и при повреди.

Намалените концентрации на CRP, т.е. вредности под 0,1 mg/dL не се клинички значајни.

Вредности на CRP кај децата

Во однос на концентрациите на CRP што се очекуваат кај здравите деца и бебиња, тие не се разликуваат значително во однос на концентрациите забележани кај здравата возрасна популација. Единственo кај новореденчињата вредноста на CRP може да варира во текот на првите неколку дена од животот на новороденчето. Подоцна, оваа вредност се зголемува и достигнува слични или исти вредности како кај возрасната популација.

Зголемената концентрација на CRP кај новороденчињата и бебињата може да даде информација дека постои воспалителен процес во телото. За да се постави точна дијагноза со анализа на CRP, мора да се извршат дополнителни тестови и следење на состојбата на организмот.

 

CRP кај трудници

Концентрацијата на CRP во крвта на бремена жена во некои нормални состојби на бременост не треба значително да се разликува во однос на концентрациите присутни кај здраво лице. Меѓутоа, во услови на одредена перинатална инфекција, вредноста на овој параметар се зголемува во крвта на бремената жена.

Затоа, утврдувањето на неговата концентрација може да биде од голема важност при рано откривање инфекции, коишто се најчести причини за предвремено породување, што може да доведе до загуба на фетусот.

CRP може да биде корисен за дијагностицирање инфекции кај новороденчињата.

 

CRP како показател за воспаление на слепото црево

При воспалението на слепото црево доаѓа до  размножување на бактериите присутни во дебелото црево поради што настанува нерамнотежа на бактериската флора.  

Најчесто тоа воспаление е акутно и доведува до зголемување на концентрацијата на CRP до 100 пати во однос на нормалните вредности. 

Ревматоиден артритис

Ревматоидниот артритис е хронично ревматско заболување коешто најчесто се карактеризира со хронично воспаление на зглобовите. Симптомите на ревматоидниот артритис најчесто се утринска вкочанетост, болка со различен интензитет, оток и  постепено нарушување на функцијата на зглобот.

Мерењето на нивото на CRP во крвта може да биде дел од сеопфатна дијагноза, каде што покрај нејзиното утврдување, се мери концентрацијата на анти-CCP антитела и ревматскиот фактор во крвта.

 

Седиментација на еритроцити

Седиментацијата на еритроцити е тест со кој се мери времето потребно на еритроцитите да се исталожат на дното на лабораториската епрувета.

Референтните вредности на седиментацијата на еритроцити кај здрави лица се движат до 10 mm/h.

Зголемените вредности на седиментација се јавуваат во процесот на воспаление во телото. Она по што таа се разликува од CRP е дека вредноста на  седиментацијата не се зголемува толку брзо како вредноста на CRP. По прекинот на воспалителниот процес, вредноста на седиментацијата постепено се враќа во нормала.

 

Фибриноген

Како трет параметар којшто, заедно со седиментацијата и CRP, значително расте во воспалителните процеси, е фибриногенот. Фибриногенот е протеин чија главна улога во организмот е во процесот на коагулација. Очекуваните вредности на фибриноген во крвта на здраво возрасно лице се од 2–4 g/L. Намаленото ниво на фибриноген е значајно затоа што тогаш постои зголемен ризик од крварење. Зголемени вредности на овој параметар се јавуваат кај инфекции, тумори, миокарден инфаркт, ревматоиден артритис и бројни други болести и состојби. Тие исто така можат да се појават за време на бременоста, кога се користи естрогенска терапија, орални контрацептиви и кај пушачите.

 

Улогата на CRP во дијагностицирањето

Повеќепати беше потенцирано дека CRP-анализата обично не оди независно. Главно се прави во комбинација со анализа на целосната крвна слика со леукоцитната формула и претходно споменатите фибриноген и седиментација. Резултатите од комбинацијата на овие анализи ќе ја забрзаат дијагнозата.

Поради послабиот имунолошки систем, инфекциите често се јавуваат кај малите деца. За да се открие дали причината за инфекцијата се бактерии или вируси и дали треба да се пристапи кон антибиотска терапија или не, честопати се прави комбинација на анализа на CRP и комплетна крвна слика со леукоцитна формула. И двете анализи може да се направат од примерок од цела крв, земен од прст, што е многу поедноставен метод во споредба со земање од вена, особено кога станува збор за мали деца.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk

 


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk