ИНДЕКС FIB-4

 

Што е индексот FIB-4?

Индексот FIB-4 (Liver Fibrosis-4 Index Panel) е валидиран, лабораториски панел-тест којшто се користи за процена на ризикот од фиброза на црниот дроб. Наместо инвазивна биопсија, кај голем дел од пациентите може да даде доволно добра првична процена на веројатноста за напреднато оштетување на црниот дроб. Доколку се утврди веројатност, кај таквите пациенти се оправдани и се препорачани дополнителни и подетални испитувања.

Индексот се пресметува според рутинските лабораториски параметри и возраста на пациентот. На тој начин, со едноставна анализа на крвта добиваме корисна информација за состојбата на паренхимот на црниот дроб.

FIB-4 не е дијагноза, туку скрининг и тријажна алатка.
Резултатот не ја заменува клиничката процена и не ја исклучува потребата од други тестови (фиброскен, еластографија, биопсија) кога постои сомневање за напредната болест.


Што е фиброза на црниот дроб и зошто е значајно нејзиното нејзиното навремено откривање?

Фиброзата на црниот дроб претставува патолошки процес на прогресивно таложење на екстрацелуларен матрикс (главно колагенски влакна) во паренхимот на хепарот, како резултат на хронично оштетување на хепатоцитите. Овој процес води кон ремоделирање на хепаталната структура, што ја нарушува нормалната хепатална микроциркулација и функција.


Кому му се препорачува тестирање со индексот FIB-4?

Индексот FIB-4 е особено корисен кај следниве групи пациенти:

-         лица со замастен црн дроб (метаболен синдром, дебелина, инсулинска резистенција, дијабет тип 2);

-         пациенти со хроничен хепатит Б или Ц;

-         лица со историја на прекумерна или долготрајна употреба на алкохол;

-         пациенти под долготрајна терапија со потенцијално хепатотоксични лекови
(на пр. метотрексат, имуносупресиви, хемотерапија, некои антиретровирусни лекови);

-         пациенти со коинфекција на HIV-хепатит;

-         лица кај кои при други рутински анализи се забележани покачени трансаминази (AST, ALT).

Кај овие категории, FIB-4 може да помогне да се идентификуваат пациентите со низок ризик (кај кои не се потребни дополнителни инвазивни тестови) и оние кај кои е потребна понатамошна обработка.

Важно:
Кај пациентите под 35 години, FIB-4 има помала дијагностичка точност и треба да се комбинира со други неинвазивни методи и клиничка процена.

Во почетните стадиуми (F0–F1), фиброзата може да биде реверзибилна доколку се елиминира причинителот и ако се третира навремено. Во напреднати фази (F3–F4), таа преминува во цироза, со ризик за портална хипертензија, хепатална инсуфициенција и хепатоцелуларен карцином.

Бидејќи фиброзата долго време може да постои без симптоми, скринингот со неинвазивни алатки како што е FIB-4 е значаен дел од современиот пристап во хепатологијата.


Зошто да го направите тестирањето со индексот FIB-4 во нашата лабораторија?

Во нашата лабораторија:

-         Користиме најсовремени, стандардизирани и калибрирани анализатори за биохемиски параметри и хематологија;

-         Добивате стручно толкување од специјалист по медицинска биохемија, со јасно објаснување на категоријата на ризикот (низок, граничен, висок);

-         По потреба, даваме препорака за понатамошни чекори – дополнителни лабораториски тестови или упатување кон гастроентеролог/хепатолог.


 

д-р Владимир Андовски,

Доктор специјалист по медицинска биохемија

 

ПЗУ Дијагностика Фармахем

Специјалистичка биохемиска лабораторија – Постојан квалитет од 1997 година

ул. 4-ти Јули бр.2/3, населба Ѓорче Петров, Скопје

Тел.: 02/20 31 905

бул. Јане Сандански бр. 65, населба Аеродром, Скопје

Тел.: 02/24 03 355

Моб.: 071/306 018

е-пошта: vladimir.lab@farmahem.mk

www.farmahem.com.mk/lab

facebook.com/DijagnostikaFarmahem


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk