За да се одржува нормално ниво на гликоза во крвта, бета клетките на панкреасот произведуваат нормално количество на инсулин, хормон чија што улога е да ја транспортира гликозата во клетките на мускулите и црниот дроб каде што се одвива метаболизмот на гликозата која согорува во енергија.
Кај некои личности организмот појавува отпорност на инсулин, поради што се намалува неговата функција, а тоа се одразува на метаболизмот на глукозата, чија концентрација сè повеќе се зголемува во крвта.
Бета клетките на панкреасот произведувајќи големи количини на инсулин, со тек на време може да се истрошат и да се намали или да престане производството на инсулин. Тоа пак доведува до сè поголемо зголемување на нивото на гликозата. Оваа состојба доведува до преддијабетес и дијабетес. Овој метаболички синдром сè повеке се случува кај деца коишто имаат прекумерна дебелина.
ХОМА ИР индекс, се нарекува Хомеостатски модел за проценка на отпорност на инсулин. Се зема еден примерок на гладно за мерење на инсулинот и гликозата и се одредува ХОМА ИР индексот од добиените вредности на инсулинот и гликозата.
Резултатите добиени од ХОМА ИР индексот можат да укажат на добра инсулинска сензитивност или на инсулинска отпорност.
Нискиот индекс означува дека постои сензитивност на инсулин.
Високиот резултат на ХОМА ИР индексот означува дека има отпорност на инсулин, а тоа укажува на ризик да се развие преддијабетес, дијабетес и кардиоваскуларни заболувања.
За да се намали отпорноста на инсулин, односно да се зголеми сензитивноста на инсулин, треба да се смени начинот на исхрана со повеќе зеленчук и протеини, умерен внес на јаглени хидрати, а помалку маснотии.
Треба да се намали стресот, да се зголеми физичката активност и рекреацијата на чист воздух, организмот да има добар сон.
д-р Миланка Пајковска
Контакт:
ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 18
е-пошта: lab@farmahem.com.mk, milanka.lab@farmahem.com.mk