Што е алергија?
Алергија е хиперсензитивна реакција на имунолошкиот систем кон некои супстанции коишто ги нарекуваме алергени. Алергените ги има насекаде во нашето опкружување и можат да бидат разновидни, како храна, полен, влакна и првут од домашни миленичиња, домашен прав, отров од инсекти и др.
Кога алергенот ќе дојде во допир со организмот, имунолошкиот систем кај некои лица го препознава како опасен и штетен агенс и како заштита создава антитела од типот на имуноглобулини IgE. При повторен допир на алергенот со претходно создадените антитела, се ослободуваат хемиски медијатори како хистаминот, при што се јавуваат многубројни алергиски симптоми. Јачината на симптомите може да биде различна, од слаби, посилно изразени и прилично изразени симптоми, па дури и анафилактична реакција.
Сезонски алергии
Некои алергии се јавуваат преку целата година, а некои се јавуваат во одреден период од годината, кога преовладуваат одредени видови алергени во природата и тие се нарекуваат сезонски алергии.
Кога преовладува поленот од дрвјата и растенијата, актуелни се пролетните алергии коишто се јавуваат од март па сѐ до крајот на мај.
Летните алергии се јавуваат кога има најмногу полен од тревите, и тоа од јуни па сѐ до септември.
На есен се јавуваат есенските алергии, кога лисјата паѓаат од дрвјата и се напластуваат на земјата и кога има многу влага, а мувлите ги испуштаат своите спори.
Инхалаторни поленски алергии
Пролетта е убаво, сончево и миризливо годишно време, кога често излегуваме на прошетки во раззеленетите паркови. Низ воздухот се разнесуваат поленови зрнца од расцутените дрвја коишто доаѓаат во допир со нашиот организам. Кај некои лица, со вдишување на поленовиот прав, се јавуваат многубројни алергиски симптоми на респираторниот тракт, како чешање на носот, очите, затнат нос или течење на бистра течност од носот, зацрвенети и насолзени очи, болка и гребење во грлото. Ако не се смират симптомите и ако не се преземат соодветни мерки, кај некои лица може да дојде и до алергиска астма. Причинители на поленската пролетна алергија се најчесто полените од бреза, јасен, чемпрес, топола, амброзија и др.
Дијагностицирање на поленската алергија и настинката
Постои голема сличност на симптомите кај поленската алергија и кај настинката.
За да ги дијагностицираме и да ги разграничиме, потребно е да се направат алергиски респираторни (инхалаторни) тестови. Во лабораториите на Дијагностика Фармахем имаме алергиски панели коишто се изработуваат од крв и коишто опфаќаат дури 30 алергени.
Резултатите се добиваат за 1 до 2 дена. Симптомите на алергија се манифестираат многу брзо и може да траат долг временски период или сè додека организмот е во допир со алергенот.
Настинките се предизвикани од вируси и бактерии и најчесто траат од неколку дена до една седмица.
Мерки за заштита од поленски алергии
Во текот на деновите кога концентрацијата на поленовиот прав е највисока во воздухот, се препорачува престој во затворен простор во кој ќе има и прочистувач на воздухот. Прошетките да се практикуваат во попладневните часови и по дожд, кога е најмала концентрацијата на полен во воздухот. За работа во градина да се носат ракавици, заштитна облека, заштитни очила за сонце, капа или марама и маска на носот. По завршувањето на прошетката, облеката треба да се истресе, а се препорачува и туширање и миење на косата.
За зајакнување на имунитетот потребни се витамините Ц, Д и цинкот.
Непријатните симптомите од пролетните алергии може да се намалат и да се ублажат со антихистаминици, деконгестиви и кортикостероиди.
Ако симптомите на алергија се многу силни, со отоци на лицето и јазикот, зуење во ушите и тешкотии во дишењето, лицето треба да побара итна медицинска помош од доктор, специјалист алергопулмолог.
д-р Миланка Пајковска, спец. по медицинска биохемија
Контакт:
ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ
тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55
моб.: 071/ 30 60 19
е-пошта: lab@farmahem.com.mk