ОГТТ (Oral Glucose Tolerance Test)

 

Со овој тест се мери одговорот на телото при оптоварување со гликоза. Најчесто овој тест се користи за одредување предиспозиција за појава на дијабетес тип 2. Сѐ почесто се користи модифицирана верзија од овој тест за дијагностицирање гестациски дијабетес – вид дијабетес којшто се појавува во текот на бременоста.

Како да се подготвите за тестот?

Важно е пред тестот  да јадете вообичаено. Три дена пред тестот, секој ден треба да се внесува по 100гр јагленихидрати (на пр. по 100гр чоколадо) дополнително со редовните оброци. Доколку примате некакви лекови, треба да пријавите пред тестирањето, бидејќи лековите може да влијаат на резултатите на тестот. Не се препорачува интензивно вежбање пред тестот.

Десет часа пред тестот не треба ништо да јадете и да пиете, освен вода. Затоа е најдобро да вечерате и да останете гладни до следното утро кога се изведува тестот.

Тестот не се изведува доколку пациентот има некоја тешка болест, инфекција или повреда.

Изведување на тестот

Кога ќе дојдете во лабораторијата каде што се изведува тестот, ќе ви земат крв од вена и ќе се измери нивото на гликозата на гладно.

Потоа, ќе ви дадат воден раствор со гликоза (75 гр) којшто треба да го испиете во рок од пет минути. По два часа од пиењето на растворот, повторно ќе ви се земе крв и ќе се одреди нивото на гликозата. Во меѓувреме треба да останете во мирување, без внесување храна, пиење течности и пушење.

Американскиот совет на гинеколози и акушери препорачува изведување на ОГТТ и за трудници како скрининг за појава на гестациски дијабетес, и тоа од 24 до 28 недела на бременост. По препорака на лекарот, може да се направи скринингот и претходно, доколку постои ризик од развој на гестациски дијабетес.

По завршувањето на тестот, можете слободно да се вратите на нормалните дневни активности.

Резултати од тестот

Доколку се тестирате за проверка за можен дијабетес тип2, може да ги добиете следниве вредности: 

  • Вредности за гликоза  < 7,8 mmol/L се нормални;
  • Вредности од 7,8 до 11 mmol/L се показатели за можен предијабетес (интолеранција на гликоза), што значи дека може да развиете дијабетес тип 2;
  • Вредности над 11,1 mmol/L или повисоки укажуваат дека најверојатно имате дијабетес.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, П. Фах 39, Тел: +(389 2) 2031 193, Факс: +(389 2) 2031 434, е-пошта: farmahem@farmahem.com.mk