Годините се ризик за појава на уринарните инфекции

Болка, пецкање, зачестено мокрење, бактерии во урината, се само некои од симптомите и знаците за уринарна инфекција кај жените. Овие инфекции ја погодуваат широката популација, особено со покачувањето на температурите во текот на летото.

Уринарните инфекции се една од најчестите причини за одење на лекар. Најчесто се проследени со тегоби при мокрењето, позитивен наод за бактерии во урината и зголемен број на леукоцити и нитрити во урината.

Нивното појавување е поголемо со зголемувањето на годините.

Жените почесто заболуваат од мажите, што секако има врска со карактеристичната анатомија на урогениталниот систем – пократкиот и поширок дел на уринарната цевка, близината на гениталниот и аналниот канал коишто се населени со многу видови бактерии, употребата на козметички препарати и слично. Најчест причинител на уринарните инфекции, во повеќето од      85 % од случаите, е бактеријата Echerichia coli.

Клиничката слика е различна и се потврдува со правење уринокултура.

Доколку се работи за воспаление на долниот дел од уринарниот тракт, најчесто кај жените е воспаление на мочниот меур (циститис), карактеристично е зачестено и болно мокрење мали количини урина, чувство на тежина во карлицата, често и појава на крв во урината придружено со непријатен мирис на урината. Постоењето на карактеристични рецептори на ѕидовите на мочниот меур е најчестата причина за повторување на инфекцијата на урогениталниот тракт. Кај околу 25 % од пациентките ќе се јави повторна инфекција.

Доколу симптомите не се многу јаки и се подносливи, се препорачува да се почне со употреба на растителни препарати, како превенција, за лечење и за намалување на тегобите од уринарната инфекција. Доколку симптомите се силни, по откривањето на бактеријата во урината со правење уринокултура, матичниот лекар ќе ви препише соодветен антибиотик за нејзиното лекување.

Ставовите за терапијата се менуваат и сè почесто се препорачува комбинирање растителни препарати и антибиотици, за одреден временски период, со дополнителна имунолошка терапија што дава подобри резулати. Основен проблем на кој треба да се внимава е должината на употребата на антибиотикот. Таа не треба да биде кратка, но не и премногу долга, бидејќи како последица на тоа може да дојде до отпорност на бактериите на антибиотиците.

Мери Спасовска-Гичева, дипл. биохем.

 

Контакт:

ПЗУ ДИЈАГНОСТИКА ФАРМАХЕМ

тел.: 02/20 31 905, 02/240 33 55

моб.: 071/ 30 60 19

е-пошта: lab@farmahem.com.mk


.........................................................................................................................................................................................................................................................................................................

Адреса: Кичевска бр. 1, 1060 Скопје, п. фах 39, тел: +(389 2) 2031 193, е-пошта: farmahem@farmahem.mk